x

Преку Купот: Струга ТЛ или Брегалница со големи шанси за историски излез во Европа!?

Се разбира дека за тоа се прашуваат Шкендија и А. Пандев. Но ако се знае дека полуфиналните дуели во Купот на Македонија ќе се одиграат на неутрален терен, и тоа со по еден меч, а не по два (дома – гости), јасно е дека на стружани и штипјани, кои важат за аутсајдери во овие полуфинални двојки, шансите им се зголемуваат. И тоа како. 

Се разбира ова е проекција, која вели дека треба и официјално да се потврди на УО на ФФМ, со оглед на тоа дека вчера прволигашите, не така едногласно, гласаа за второто сценарио за тоа како ќе продолжи првенството во ПМФЛ.

Во таа втора опција предвидено е во полуфиналето и финалето да се одигра по еден меч и тоа на неутрален терен. 

И кога е така тогаш Струга Трим Лум или Брегалница можат полесно да испишат клупска историја. Прво за првпат да се пласираат во големото финале, а второ, многу поважно, е да играат во Европа во квалификациите во ЛЕ и да “ќарат“ 250.000 евра. 

Навистина ова е голем мотив за двете екипи, посебно за штипјани, кои речиси 30 години чекаат нешто големо, нешто историско од својата Брегалница. Можеме само да претпоставиме што ќе биде во градот под Исарот ако Брегалница го освои Купот и избори пласман во фудбалска Европа.

Но, ајде да почекаме. Прво ФФМ треба и официјално да потврди дека ќе се игра фудбал, а второ Брегалница треба да го мине составот на А. Пандев во полуфиналето.

Во второто полуфинале, само да се потсетиме, се среќаваат Шкендија и Струга Трим Лум.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата