Кометал Ѓ. Петров е поразен на гостувањето во Виена од стариот познаник ХИПО, во првото полуфинале на Лигата на шампионите со 32:30 (18:13). Во натпревар со многу “искри”, голема борбеност и драматичен финиш, нашите девојки, сепак, се изборија за резултат кој дава надеж дека можат да учествуваат во третото свое европско финале. Но, сето тоа треба многу подобро да се одработи во “Кале” по една седмица, кога истите противници ќе излезат на мегдан. Визата за патот кон новата европска круна ќе се вади во Скопје, но ќе треба тоа да се случи со многу поквалитетна игра. Според она што го прикажаа европските гиганти ХИПО и Кометал Ѓ Петров во првите 30 минути од средбата, се чинеше дека ќе се повтори старата “песна” од претходните меѓусебни дуели, кога ѓорчепетровки беа убедливо поразени. ХИПО преку незадржливата Логвин, на која успешно и асистираа Шинкаренко и Ротис, имаше пет голови предност (10:5, 13:8, 18:13) и на повидок беше катастрофа. Ова беше најслабото полувреме што го одиграл нашиот првак во досегашните средби на ЛШ. Ништо не функционираше во екипата, одбраната ни беше ровита, а во нападот имавме многу промашувања. “Банкарките” со полуконтри и контри лесно поентираа, а нашите голмани Колесник и Борисенко немаа свој ден. Сепак, во второто полувреме друга слика. Сега Кометал Ѓ Петров ги презеде сите конци во свои раце, на храбрата и прецизна Олга Бујанова и се приклучи во нападот феноменалната Турчинка Јилдиз Озел, која со своите асистенции и пред се мајсторски голови, не врати во живот. Стигнавме на минус еден гол (19:18, 25:24, 26:25), но никако не успеавме да израмниме. Во финишот вистинска драма. Четата на Гунар Прокоп како да ја загуби “главата” и не успеа да победи со повеќе од два разлика. Озел беше незадржлива, но во финишот незгодно згази и се повреда, а по водството на ХИПО од 32:29, на шест секунди пред крајот, Платон со својот првенец на овој натпревар го постави конечниот резултат од 32:30 и за големи надежи дека во Скопје за седум дена негативата може да се анулира.