Прекинот на средбата Интер – Милан во четвртфиналето од Лигата на шампионите, поради дивеење на навивачите на “нероазурите”, предизвика бурни реакции во Италија. Премиерот на Италија, Силвио Берлускони, го повика јавниот обвинител Писану и побара да се донесе регулатива, според која ќе се преземаат и подрастични мерки, со цел да се спречат немирите на фудбалските стадиони. Веднаш реагираше и претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Франко Караро, кој донесе нови одредби за почитување на спортското однесување во текот на натпреварите. Од денеска судиите ќе имаат право да го прекинат мечот уште при првата фрлена петарда на навивачите. Секое фрлање на предмети на теренот ќе значи и крај на средбата, а натпреварот ќе биде регистриран со службен резултат (3:0) против екипата чии фанови се одговорни за прекинот.