Продажбата на објектот на Светскиот бизнис центар на посебни независни целини ќе стартува пред Нова година, и тоа најверојатно паралелно со тендерите кои Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор планира да ги објави за прибирање на понуди за довршување на објектот кој сега се наоѓа во фаза на затворена карабина.
Како што информира директорот на Подрачната единица на ЈПССДП за Скопје, Јанко Богоевски, за да ја почне продажбата, претходно треба да изврши промена на термо и електро инсталациите кои се дотраени, па потоа да започне со инвестирање во изградбата на првите три ката каде ќе биде сместен шопинг-центарот, како и на погорните катови каде ќе биде административниот дел. Според Богоевски, за довршување на работите треба да бидат инвестирани уште седум милиони евра.
“Сите средства вложени во изградбата очекуваме да ги одбиеме од продажбата на деловните простории. Оттука, цените што ќе се постигнат за дуќаните ќе бидат приближни на цените на локалите во ГТЦ. Станува збор за 55 дуќани со просечна површина од по 30 квадратни метри. Стаклениот дел од објектот, пак, наменет за канцелариски простории со површина од седум илјади квадрати, ќе се продава по катови. За нив веќе има заинтересирани купувачи, а ние ќе им ги предадеме како финален производ, односно по принципот “клуч на рака”, вели Богоевски.
Покрај овие делови, Светскиот бизнис центар кој е со вкупна површина од 22.458 квадрати располага и со три ката за подземно паркирање, магацински простории за техничка и инфраструктурна опрема, има посебен дел наменет за ресторан, како и покривна преодна тераса за различни намени.


Светлана БЛАЖЕВСКА