Повеќе од 20 тендери објавила министерката за труд и социјална политика во оставка, Мила Царовска, на самиот ден кога ја поднесува оставката и треба да стане вицепремиер за економски прашања во техничката влада.

Дали со овој потег пред да ја напушти позицијата Царовска ги наградува компаниите блиски до СДСМ и купува гласови во пресрет на изборите?

Министерството за труд и социјална политика не е единствениот пример каде масовно и во голем број се доделуваат тендери или вработувања.  Јавноста веќе реагираше на масовна партизација на администрацијата. На страницата на Агенцијата за администрација моментално има 247 огласи  за вработувања во државната администрација. А исто така веќе неколку денови во МВР се делат решенија и прераспоредувања до доцните вечерни часови.

Министерствата каде треба да има технички и дополнителни министри деновиве како да се во трка со времето. Очигледно дека владата во заминување е во паника поради напуштањето на власта и се помалиот рејтинг и незадоволство кај граѓаните, па на секој можен начин се обидува поразот да го ублажи со предизборен поткуп.