На Факултетот за информатика при ЕУРМ се одржа предавање на тема “Безбедност на Информации – Дигитален потпис”. Предавач ќе биде м-р Ѓорѓи Илиевски од “Македонски Телеком”.

На предавањето покрај студенти од Факултетот за информатика и од Факултетот за детективи и криминалистика при ЕУРМ присуствуваа и други заинтересирани лица за оваа област, конкретно заштитата на информации и дигитален потпис.

– Потребата за компјутерска и мрежна безбедност датира од неодамна, од осумдесеттите години на минатиот век. Првите компјутерски мрежи биле локални и во академска средина, па постоела голема доверба помеѓу корисниците што биле поврзани со нив и немало безбедносни проблеми. Со брзиот развој на информатичката технологија и сè присутниот Интернет, се јавиле и првите злоупотреби, па и потребата за заштита на приватните и корпорациските податоци. Секако, безбедноста е клучна и најмногу доаѓа до израз токму во електронската трговија и е-бизнисот. Ниеден клиент не би купувал онлајн, ако не е сигурен дека “продавницата” не нуди стопроцентна заштита на личните податоци, пред се на бројот на кредитната картичка, вели м-р Илиевски во предавањето на тема “Безбедност на Информации – Дигитален потпис”.

Според него, зголемената употреба на електронски документи ја диктира потребата од обезбедување на нивната валидност и тајност. Постојат повеќе техники за енкрипција на електронските податоци, но една од најшироко употребуваните е криптографијата на податоците со користење на јавни клучеви.

– Инфраструктура на јавни клучеви (ПКИ) е прв чекор за да се овозможат сите безбедносни потреби на пораките и трансакциите за кои претходно дискутиравме. Потребата за универзален систем кој ќе ја поддржува електронската комерција, безбедните трансакции, и приватноста на информациите довела до имплементација на системот ПКИ. ПКИ е асиметричен систем со два клуча. Пораките се енкриптираат со јавен клуч, а се декриптираат со приватен. Главната цел на ПКИ е да се дефинира инфраструктура која ќе работи со повеќе производители, системи и мрежи, додаде Илиевски.

Тој појасни дека дигитален сертификат е електронска “кредитна картичка” која ги воспоставува корисничките акредитиви кога истиот врши бизнис или други трансакции по електронски пат. Постојат повеќе типови кои се разликуваат по форматот на сертификатот.