“Иако растот на БДП од три отсто во 2003 и 2004 година е неспоредлив со другите земји во регионот, процентот на невработените е екстремно висок како резултат на малиот број нови работни места. Неформалната економија зафаќа над 40 проценти од БДП, а приливот на странски директни инвестиции е многу мал”. Ова е последна оценка што Македонија ја доби од Светската банка, завчера, кога Бордот на директорите на оваа финансиска институција реши да и го одобри новиот ПДПЛ 1-аранжман за развојни политики во вредност од 30 милиони долари. Светските банкари врз основа на извршените анализи на деловното опкружување уште еднаш порачаа дека најсериозни пречки за развој на приватниот сектор во Македонија се неефикасен судски систем, непристапност до кредитите, преобемна регулатива, политичкиот ризик и корупцијата. Но, и покрај ова, тие сметаат дека Македонија успеа во последнава деценија да постигне солидна макроекономска стабилност. Инфлацијата е сведена на минимум за разлика од многу други земји во регионот, а висината на надворешниот и јавниот долг, сметаат тие, останаа скромни. “Реформите поддржани со новиот ПДПЛ-аранжман се креирани за промоција на одржлив економски развој и зголемувањето на бројот на вработените”, вели Брус Кортни, шеф на тимот на Светската банка за Македонија кој го дизајнираше новиот аранжман.
Инаку, ова е прв од договорените три заеми што Банката ќе и ги одобри на нашава земја во наредниве три до четири години, во вкупна вредност од 90 милиони долари. Но, повлекувањето на траншите ќе зависи од тоа дали реформите во судството, пазарот на работна сила, финансискиот сектор и бизнис-климата се спроведуваат според договореното.


Весна М. БОЖИНОВСКА