x

Прв јануари по девет години без неговото величество РАКОМЕТОТ, за нас!

Шокирачка вест од ИХФ попладнево. Македонија не доби “вајлд – карта“ за настап на СП во Египет. Големо разочарување, не дека не беше баш толку неочекувано ако се знае кој се беше во “игра“ за тие две “визи“, сепак сите ние, како и ракометарите и федерацијата, фановите, се надевавме и поради нашиот минат труд дека сепак Кире и компанија ќе настапат на Мундијалот во Египет. Но тоа нема да се случи.

Штета, навистина штета…

Е, сега, каков ли ќе биде тој јануари без ракометот, без нашиот национален спорт? Разочарувањето е уште поголемо ако се знае дека ќе прекинеме една низа, една серија од настапи на големи натпреварувања која трае речиси една деценија. Се започна со ЕП 2012 во Србија, па СП 2013 во Шпанија, следен настап беше на ЕП во 2014 во Норвешка, па пак СП 2015 во Катар. Следно беше ЕП во 2016 во Полска, една година одново настап и тоа на СП во 2017 во Франција. И таа 2018 годиан беша ракометна, Македонија играше на ЕП во Хрватска, за да во 2019 бевме учесници на СП во Германија и Данска. Оваа прекрасна серија заврши во јануари оваа година на ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска.

Нашата ракометна репрезентација за овој период значи настапи на четири светски и пет европски натпреварување.

И ете, на таа супер, на таа златна серија и дојде крајот.

Уште еднаш штета, навистина штета…

Овој следен јануари, во таа 2021 година, ќе биде сиромашен на ракометен план. Ќе ја нема Македонија меѓу најдобрите, ќе нема за што да се нервираме, да се радуваме, да бидеме еуфорични или да тагуваме до бескрај. Сето тоа овој јануари ќе го прескокнеме. А што убаво ни беше досега во изминатата деценија.

Уште од октомври – ноември се правеа планови како со друштвото ќе се оди да се бодри Македонија, ако ќе се бодрат нашите ракометни ѕвезди како Кире, Столе, Манасков, Талески…

Се планираа и зимските одмори, “фалангата“ се подготвуваше. Ракометот беше во нашите мисли.

Овој јануари ќе изостанат анализите за тоа колку можевме и колку постигнавме. Ќе изостанат сите оние коментари на старо и младо дали требаше да играме одбрана 6-0 или пак 5-1. Сите ни знаевме покрај ТВ екраните што треба за да се победи и како треба за да се победи.

Е, овој јануари ќе биде досаден, бескрајно досаден…без неговото величество РАКОМЕТОТ.

За нас…

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата