Американскиот претседател Доналд Трамп вчера, во своето прво обраќање по одржаните избори на 3 ноември, најави дека наскоро пристигнува вакцината против коронавирусот, додавајќи дека неговата администрација нема да ја затвори земјата поради пандемијата.

Трамп зборуваше пред Белата куќа во врска со коронавирусот и стратегијата за вакцинација.

Вакцината ќе биде достапна многу брзо, за неколку недели, прво за најзагрозениот дел од популацијата, а за останатите до април. Никој досега не успеал со ваква брзина и со таков интензитет да постигне успех. Нема ниту еден како нас. Ова е неверојатен подвиг, истакна Трамп, кој се осврна на фактот дека американската фармацевтска компанија „Фајзер“ неодамна објави дека ефикасноста на нејзината вакцина против Ковид-19 е околу 90 отсто.

Тој додаде и дека неговата администрација нема да воведува силни рестриктивни мерки во САД, и покрај големиот број на заразени и починати лица како последица на коронавирусот.

Совршеното сценарио е дека нема да воведуваме ригорозни мерки. Јас тоа не го сакам, оваа администрација нема да ја затвори земјата. Без разлика што ќе се случи во блиска иднина, која било администрација да ја предводи државата, а времето ќе покаже, но ние нема да воведеме „локдаун“, нагласи актуелниот претседател на САД.

Американските медиуми објавија дека Трамп по неговото обраќање не одговарал на новинарски прашања. (МИА)