Американскиот гигант “Џонсон контролс” од 5 септември ќе почне да ја гради фабриката за електронска опрема во слободната економската зона “Бунарџик”, а Владата до тогаш треба да ја изгради потребната инфраструктура. Премиерот Владо Бучковски и генералниот менаџер за електроника и заменик претседател на “Џонсон контролс” за Европа, Томас Патцелт, вчера потпишаа Меморандум за соработка, обврски и инвестирање. Бордот на директори на компанијата на 22 овој месец ќе треба да го одобри меморандумот, по што ќе се потпише договор за инвестирање во Бунарџик. Премиерот Бучковски посочи дека овој проект треба да биде пример од кој треба да учиме дека за успешен бизнис и за присуство на големи светски реномирани компании потребно е да се лобира. “Во бизнисот нема сентименталност, туку треба да се биде конкурентен. Ние ја покажавме својата конкурентност”, рече Бучковски. Патцелт изјави дека во фабриката, во која ќе се вработат 500 лица, ќе се произведуваат електронски производи што ќе се продаваат на европскиот пазар. Во втората фаза ќе се произведува пластична опрема и елементи. Премиерот Бучковски не соопшти под кои услови е склучен меморандумот, но рече дека ќе има олеснување во преквалификацијата и обука на кадарот, кој ќе работи во фабриката. Ќе имало олеснувања за транспортерите, а ќе се користел и Законот за државна помош за да се помогне вработувањето. (С.Бл.)