По враќањето на двата изнајмени авиони “боинг 737-300” на ЈАТ, домашниот авиопревозник МАТ ја подновува својата флота со три нови авиони од типот “ембраер”. Како што објавија од МАТ, минатата недела компанијата склучила договор за купување на авионите за кои на бразилскиот производител ќе му платат 72 милиони евра, средства што се земени на десетгодишен кредит од повеќе светски банки.
– Првиот од авионите е “ембраер 170”, има 72 седишта и чини 22 милиони долари. Тој ќе биде испорачан кон средината на идниот месец. Останатите два се од типот “ембраер 175″, имаат капацитет од по 84 седишта и чинат по 25 милиони долари. Тие ќе бидат испорачани – едниот кон средината, а другиот кон крајот на 2006 година”, вели Златко Петровски, директор во МАТ. По пристигнувањето на првиот авион, МАТ од моменталната флота ќе задржат само еден “боинг 737-300”, а по пристигнувањето на сите нови “ембраери”, авиокомпанијата ќе ги користи само нив. Целта е, вели Петровски, да се унифицира флотатата.
Пилотите и механичарите за новите авиони веќе поминале теоретска и практична обука во Швајцарија и во Канада, што е дел од договорот, според кој, бразилскиот производител во наредните две години ќе му стави на располагање на МАТ дел од персоналот, инструктори, инженери и механичари, кои ќе помагаат во работењето.(С. Бл.)