Првиот домашен тест за коронавирус наскоро ќе се најде во продажба во САД по цена од 30 американски долари, откако неговата употреба е одобрена од американската Администрација за храна и лекови (ФДА).

Одобрувањето на употребата на тестот, што може да укаже на присуство на вирусот за 20 минути, е огромен чекор во борбата против ковид-19, изјави директорот на ФДА, Стивен Хан, додавајќи дека тестот може да се купи во аптеките.

Првите залихи на овој тест ќе бидат ограничени, а го произведува калифорниската компанија „Елуме“, која планира да понуди три милиони примероци на пазарот во јануари, по што ќе го зголеми производството и дистрибуцијата во текот на првата половина на 2021 година, пишува АФП.

Станува збор за антигенски тест, што значи дека детектира протеин на површината на коронавирусот, за разлика од ПЦР тестовите кои бараат генетски материјал на вирусот.

Портпаролот на компанијата изјави дека тестот ќе чини околу 30 американски долари и може да се купи во аптеките или да се нарача преку Интернет. Приборот се состои од стапчиња за земање на брис од носот, хемиски раствор и тест ленти. Од „Елум“ велат дека стапчето за брисеви за нос ќе биде малку пократко од класичното, па затоа само земањето брис ќе биде малку непријатно.

Резултатите, кои се достапни за околу дваесет минути, потоа се дигитално поврзани со апликација за паметен телефон што му помага на корисникот да ги интерпретира. Во исто време, можно е да стапите во контакт со надлежниот лекар преку апликацијата за паметен телефон, односно резултатите да бидат пренесени до јавните здравствени власти.

Не е задолжително да се наведат името и презимето или е-поштата. „Елум“ доби 30 милиони долари од Националниот институт за здравство на САД за да го развие тестот. Експертите на ФДА откриле дека тестовите на „Елум“, како и другите кои користат слична методологија, резултираат во мал процент на грешка.

Кај луѓето со симптоми на коронавирус, 96 проценти од позитивните примероци и 100 проценти од негативните се правилно откриени. ФДА советува корисници на тестирање кои добиваат негативен резултат и имаат симптоми на коронавирус, да посетат лекар.

извор: Makfax