Работнички К. со евроголот на Мазнов во 29. минута, од околу 30 метри, со 1:0 го совлада Башкими, освојувајќи ја шампионска титула во Македонија. До првиот трофеј во богатата историја “романтичарите” стигнаа четири кола пред крајот на првенството, остварувајќи (со натпревар повеќе) 17 недостижни бодови предност пред второпласираниот Вардар. Саботното попладне на Градски однапред беше предодредено за славје. Гостите, уморни од полуфиналната куп-средба со Силекс, само еднаш посериозно се заканија, а домаќинот играше онолку колку што беше потребно да победи и да ја почне заслужената прослава на најголемиот успех. – Систематскиот приод и седумгодишната напорна работа во Работнички вродија со плод, беа првите зборови на претседателот на клубот Трифун Костовски. – Што се однесува до Европа и настапите во ЛШ мораме да бидеме објективни. Потребно е засилување на екипата и малку среќа за минување на првите пречки. Напорно ќе работиме, а до каде ќе стигнеме тоа е веќе спортска работа. Капитенот на Работнички К., Игор Стојанов ја прослави својата трета титула (две со Вардар), но изјави дека оваа му е најдрага: -Успехот со Работнички ми е најмил. Титулата ја освоивме 4 кола пред крајот во една многу силна конкуренција, а до неа стигнавме со многу работа и труд. Веднаш по завршувањето на средбата со Башкими и петминутното славење на теренот, тренерот Ѓоре Јовановски по честитките за успехот, играчите ги “почести” со полчасоевн релаксирачки тренинг. – Немаме намера да се опуштиме до крајот на првенството, бидејќи уште од сега ги почнуваме подготовките за квалификациите во ЛШ. Не смееме да очекуваме премногу, но се е можно со среќа и добра ждрепка, изјави дефанзивецот Никола Карчев, а плејот Стојан Игњатов додаде: – Цела година бевме на врвот од табелата и заслужено ја освоивме титулата. Успехот се должи и на стабилниот спонзор (Кометал). Во Македонија да има 5-6 клуба организирани како нас фудбалот ќе ни оди нанапред. И додека фудбалерите го одработуваа тренингот раководството на Работнички и навивачите во кафеаната “Кај Вршац” со песна го прославуваа историскиот успех. Веднаш по туширањето им се придружија и фудбалерите кои со овации беа пречекани од веќе веселите фанови.


Сашки ДИМОВСКИ ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ