Група пратеници деновиве, доставија до Парламентот предлог за изменување на Законот за данок на додадена вредност, а се со цел да се намали даночната евазија. Поточно, независните пратеници Ванчо Стаменков, Марјан Ѓорчев, Михајло Ѓеоргиевски и Аднан Ќахил сметаат доколку се прифати нивната иницијатива ќе се елеминира можноста со бројни малверзации во обид да се одбегнува плаќањето на ДДВ-то.
Тие велат дека со сегашната примена на Законот за ДДВ, во практиката е присутна појавата на издавање фиктивни фактури за кои не е извршена набавка на добра и услуги, истите потоа не се наплатуваат, а се издаваат со цел да се изврши одбивање на претходен данок . На ваков начин се намалува вкупниот износ на ДДВ што се плаќа на државата. Впрочем, ваквото “играње” со фиктивни фактури, како што се потврди во досегашната истрага, бил најчесто користен метод од учесниците во мега даночниот скандал -даночна пирамида. “Даночните обврзници, исто така, на нереални износи го пресметуваат ДДВ-то за соодветниот даночен период , бидејќи согласно Законот за ДДВ истиот се пресметува според вкупно извршениот промет , а некои фактури, воопшто, не можат да се наплатат”, сметаат тие.
Од овие причини, оваа група пратеници предлага, со измена на постоечкиот закон, одбивањето на претходниот данок и пресметката на ДДВ-то да се вршат врз основа на платена фактура, односно врз основа на вкупно извршен наплатен промет. Доколку овој предлог биде прифатен, според нивните пресметки, наплатата на овој данок би се зголемила дури за 50 отсто или за дополнителни 210 милиони евра годишно и би бил “потежок” буџетот во однос на сегашните 420 милиони евра кои се собираат по овој основ.


Весна М. БОЖИНОВСКА