Пратениците на СДСМ ја напуштија денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на која почна амандманската расправа по Предлог законот за медиуми.

Како што образложи Јани Макрадули, СДСМ не сака да учествува во носењето закон со кој, рече, се легализира цензурата.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ ја квалификува ваквата реакција на опозициската партија како желба Македонија да не добие позитивен извештај од Европската комисија.

– Секогаш кога се води конструктивен дијалог, кога се разгледуваат забелешките и се прифаќаат амандманите поднесени од опозицијата, СДСМ бара причини да ја оцрни државата пред ЕУ и Брисел со единствена цел, Македонија да не добие позитивен извештај, рече Бонева.

Комисијата ќе ја продолжи дебатата по 15 часот, откако ќе заврши редовната пауза.

Претходно, во текот на расправата, Макрадули напомена дека со сите 23 амандмани поднесени по предлог текстот, неговата партија бара само едно, повлекување на законот и бришење на сите членови.

– Овој закон не треба да се донесе зашто со него се легализираат цензурата и корупцијата на медиумите, се отвора простор за поднесување кривични пријави против новинарите и порталите. Неговата цел е да ги замолчи критичните, да ги уплаши неодлучните и да ги затвори храбрите, истакна Макрадули.

На тоа реагираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски, потенцирајќи дека понуденото решение ги дефинира и регулира правата на новинарите, ги заштитува од уредниците и сопствениците на медиумите. Ваков закон, додаде, имаат и Словенија и Хрватска, со слични ингеренции врз печатените и елетронските медиуми.

– Има барање од новинарите законот да се донесе побрзо за да се стави ред во медиумите. Исто така, експертите кои беа на јавната расправа рекоа дека законот е потребен и треба да се донесе, но на Македонија е да одлучи кога, дали веднаш или по влегувањето во Унијата, рече Ивановски, повторувајќи дека законот има позитивно мислење и од ОБСЕ и од Советот на Европа токму зашто ги штити новинарите.

Бонева посочи дека владејачкото мнозинство во текот на тридневната дискусија за предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги прифати огромен број амандмани поднесени од опозицијата меѓу кои и оној за намалување на ингеренциите на Агенцијата за радиодифузија.

– Парламентарното мнозинство не глуми, не прави закон со кој сака да ограничува, да затвора медиуми, туку ги слуша сите забелешки и критики, работи совесно, со најдбори намери, во интерес на сите граѓани и развојот на демократијата, подвлече Бонева.

По Предлог законот за медиуми беа поднесени вкупно 34 амандмани, 23 од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ и еден од пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија, додека по Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги околу кој се дебатираше три дена, беа предложени 94 амандмани, а се прифатија 33.

Се очекува идната недела двата закона да бидат ставени на 26. пленарна седница.

sitel.mk