Најстарата позната варијанта на чума во светот, стара речиси 5000 години, е пронајдена во близина на еден мал град во западна Шведска, пренесува „Локал“.

Група истражувачи од Шведска, Данска и Франција ги анализирале скелетите од гробница во близина на Фалкопинг и пронашле ДНК траги од јерсинија петис, бактеријата што ја предизвикува чумата. Останките им припаѓале на земјоделци кои живееле во областа пред околу 4900 години.

Сите варијанти на чумата откриени во подоцнежните периоди – од кои најпозната е Црната смрт која убиповеќе од 50 милиони луѓе во 14 век – се подваријанти на оваа, велат истражувачите.

„Откривањето ваква рана варијанта (на чума) во Фалкопинг беше сосема неочекувано бидејќи претходните наоди укажуваа на тоа дека потекнува од Азија. Ова сега ќе треба да се преиспита, така што станува збор за значајно откритие”, вели археологот од Универзитетот во Гетеборг, Карл-Горан Сјогрен.

Хипотезата на истражувачите е дека чумата се појавила во културата Кукутени-Трипилија северно од Црното Море неколку стотици години пред да стигне до Фалкопинг, а потоа се проширила на запад и на исток.

„Ова можеби било олеснето со подобрите комуникации благодарение, меѓу другото, на воловските коли што почнале да се користат”, вели Сјогрен.

Досегашните откритија на истражувачите беа објавени во научниот магазин „Сел“ во четвртокот.

извор: Makfax