Народното собрание на Бугарија вчера ја изгласа оставката на Владата на премиерот Бојко Борисов со 209 гласа “за”, 5 гласа “против” и 1 воздржан. Откако им се заблагодари на народните избраници што ја изгласале оставката, Борисов излезе пред Парламентот за да го стори истото и пред демонстрантите насобрани во знак на поддршка на неговата влада.

Бугарските граѓани се поделени во гледиштата на ситуацијата во земјата по оставката на Владата. Во Русе граѓаните демонстрираа против монополите, а во Пловдив се собраа 10.000 потписи против монополот на ЕВН, во Бисер жителите се собираа да му искажат поддршка на премиерот во оставка, пренесуваат бугарските медиуми. Поддржувачи на политиката на Борисов имаше и околу зградата на Парламентот во Софија, а во Благоевград на улиците се бара промена на моделот на управување со Бугарија.

На протестите пред Собранието на Бугарија, на кои околу 1000 луѓе му искажаа поддршка на Владата на Борисов и на ГЕРБ, имаше камион полн со прасиња, луѓе пристигнуваа и со трактори, а ечеа и гајди, пренесува бугарски Фокус.

Во текот на денот на плоштадот “Александар Невски” пристигнуваа автобуси од целата земја, а Софија беше под силно полициско обезбедување.