Празнувањето на кошарката продолжува
Кошаркарите на Вардар О. и домаќинот на завршните натпревари од 14. Куп на Македонија за преодниот пехар на “Вечер” и трајниот на Кошаркарската федерација на Македонија, Струмица 2005 ги продолжуваат настапите во најмасовното клупско натпреварување, откако во четвртфиналето славеа против МЗТ Скопје 2000, односно Пелистер. Двете победнички екипи во денешниот полуфинален дуел ќе треба да решат кој ќе игра во утрешното големо финале. Лани, вардарци стигнаа до финалето, каде загубија од Ф. Работнички, а ако струмичани се искачат на победничкиот пиедестал за првпат клупските витрини ќе ги красат пехарите на “Вечер” и КФМ.
Драматична завршница имаше натпреварот меѓу месните ривали Вардар О. и МЗТ Скопје 2000. На една минута и 28 секунди до крајот, резултатот беше егал (68:68), но вардарци се претставија како многу посмирена, поконцентрирана екипа и на крајот славеа.
– Ова беше навистина тежок натпревар, клучот на победата беше нашата одлична игра во одбраната во третата четвртина. Мислам дека заслужено победивме, вели еден од најдобрите играчи на теренот, вардарецот Дарко Соколов. Во таборот на “штрковите” го признаваат поразот: – Заслужено загубивме. Се повтори нашата слабост, отсуство на концентрација кога е најпотребно. Направивме неколку несфатливи грешки и казната стигна, вели тренерот на МЗТ Скопје 2000, Александар Петровиќ.
Струмичани само во првата четвртина имаа проблеми против Пелистер. Како одминуваше времето, мотивираните домаќини го надигра противникот во сите елементи на играта, на крајот стигна до позитива од 34 кошеви.
– Желбата за победа беше преголема. Докажавме дека сме подобар противник од битолчани, вели Драго Јанков, тренер на Струмица 2005.
Битолчани причините за поразот ги бараа во своите редови:
– Струмичани знаеја да ги казнат нашите проблеми. Повеќе играчи беа болни или повредени, немавме голем избор на клупата и заслужено загубивме, вели тренерот на Пелистер, Предраг Созовски.
Славчо ТРОШАНОВСКИ