Околу 500.000 вработени во компаниите што ја прекинаа работата од 15 март до крајот на април ќе добијат државен надомест од по 800 евра  врз основа на одлуките на грчката влада за санитарни мерки поради пандемијата.

Истата сума ќе ја добијат и самовработените и трговците поединци, како и оние што работат во мали семејни бизниси, беше објавено денеска.

Министерот за финансии Христос Стаикурас најави дека оваа сума ќе биде исплатена на сметките на корисниците во почетокот на април, при што буџетскиот расход поради тоа ќе достигне 400 милиони евра.

Владата посочи и дека некои компании на кризата реагираат со масовни отпуштања. Министерот за труд Јанис Вруцис рече дека „сликата на пазарот на трудот во март е разочарувачка до трагична“, при што премиерот Киријакос Мицотакис предупреди дека претприемачите не треба „непотребно и неоправдано“ да ги отпуштаат вработените, што се смета за злоупотреба.

Владата забележа дека сите мерки на деловна поддршка во времето на криза поради коронавирусот се „неразделно поврзани со задржување на работните места“ и предупреди дека компаниите што сепак ќе отпуштаат вработени нема да можат да ги користат поволните мерки за поддршка. Ваквото отпуштање вработени ќе се смета за правно неважечко.

Покрај надоместокот од 800 евра, за оние чии компании беа затворени со одлуката на Владата е прогласен прекин на даночните обврски за вработените за март. Наредните такви обврски ќе бидат платени за јули.

Покрај тоа, грчката држава целосно го презеде плаќањето на придонесите на плати за сите вработени за здравственото и социјалното осигурување и за здравствената заштита. Тој буџетски трошок ќе достигне 450 милиони евра.

Владата за два месеци ја продолжи редовната исплата на надомест за сите невработени на кои правото им истекува на 31 март. Цената на оваа мерка за државниот буџет ќе надмине 150 милиони евра.

Киријата за март и април е намалена на 60 проценти за становите во кои живеат вработените во компаниите што прекинале со работа поради владините одлуки.

Грчкото Министерство за финансии соопшти дека ДДВ-то ќе се намали од 24 на 6 проценти за производите за заштита од коронавирусот и за спречување на преносот. Тоа се маските и ракавиците, антисептички раствори, марамчиња и други препарати, сапун и други средства за лична хигиена, како и етил алкохол како суровина за производство на антисептици.

Намалениот ДДВ на овие производи ќе важи до крајот на оваа година.