x

По 80. минути игра и продолженија: Хрватска со голот на Муса ја урна Норвешка за место во финалето

Очекувано, во „Теле 2“ Арената се водеше вистинска битка на теренот, видовме ракомет кој ги задоволи апетите на сите „гурмани“ на овој спорт. Никој не се штедеше, дуелот се решаваше по продолженија. Во големото финале на Европското првенство ќе ја гледаме Хрватска која славеше со 28-29 (23-23, 10-12) во првата полуфинална пресметка. Ова беше прв пораз за Норвешка на овој евро-шампионат.

Дувњак со осум гола беше прв стрелец и најдобар ракометар на мечот, на другата страна десетте гола на Сагосен не беа доволни.

Двете селекции чекаа да ја казнат секоја грешка, и двете имаа шанса мечот да го решат во регуларниот дел. Хрватска беше далеку подобар противник во првото полувреме, во 20. минута имаше водство од 6-9. Норвешка да се врати на минус еден (8-9). По 9-11 за „коцкестите“ следеше брканица на теренот, ниту една од двете репрезентации не успеа да ги казни грешки. Хрватска со петтиот погодок на Мариќ на полувремето замина со 10-12.

Хрватска имаше шанси да го реши мечот во своја корист, на почетокот на вториот дел на двапати поведе со плус три 10-13 и 12-15, Карачиќ промаши зицер за целосно уривање на противникот. Норвешка благодарение на двете одбрани на Бергеруд израмни на 15-15 во 40. минута, Сагосен брзо го врати водството по повеќе од 30 минути (17-16).

Вистинската драмата беше во самиот финиш. Ашанин со две интервенции од седум метри и Дувњак со два гола во низа ја вратија Хрватска на 22-23.  Јоендал израмни на 23-23 на 21 секунда до крајот, Червар повика тајм-аут, но немаше реализација, па мечот беше решен по продолженија.

Не беа доволни двете продолженија, Дувњак од седум метри ја спаси својата земја во второто продолжение (26-26). Се играа нови две дополнителни 10. минути, возбудата растеше, двата тима грешеа. Хрватска со голот на Мусе се пласираше во финалето.

ФОТО: ХРС.ХР ( Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff)

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата