Општина Аеродром објави оглас за доделување еднократна парична помош во износ од 10.000 денари по лице на талентирани спортисти до 28-годишна возраст.

„Со оваа мерка им овозможуваме на нашите млади подобри услови за напредок, го поттикнуваме развојот на спортот во Општината и ги враќаме парите кај граѓаните“ – изјави градоначалникот Златко Марин.

Право на пријавување имаат сите заинтересирани спортисти аматери, односно лица што не остваруваат приходи од спортот, вклучително и лица со телесен инвалидитет, кои се спортисти аматери, а се истакнале со досегашните постигнати резултати во одреден спорт. Тие треба да се со адреса на живеење на подрачјето на Општина Аеродром и со своите спортски активности да придонесуваат за развој на спортот.

За оваа мерка се предвидени вкупно 600 илјади денари од Буџетот на Општина Аеродром.

Огласот за пријавување трае 10 дена од неговото објавување, односно заклучно со 28 октомври, а спортистите аматери се должни кон пријавата да ги наведат причините и намената за кои ги бараат финансиските средства.

Пријавата може да се преземе од веб-страницата на Општина Аеродром и со целокупната документација треба да се достави преку пошта на адреса Општина Аеродром бул. „Јане Сандански“ бр.109б, 1000 Скопје или во архивата на Општината од 08:30 до 14:00 часот, со назнака  – За поддршка на талентирани спортисти за 2018 година.

Повеќе информации за критериумите и за начинот на аплицирање можат да се најдат во самиот оглас, објавен на веб-страницата на Општина Аеродром на следниот линк: http://aerodrom.gov.mk/vest/1986.

извор: Makfax