Во населбата Драчево, месноста Потстаница, вчера беше пуштена во употреба препумпната станица за одведување фекални и отпадни води. Проектот е вреден 21,5 милиони денари, а за неговата реализација општината Кисела Вода добила позајмица од 15 милиони денари од Владата. Инаку овој проект започнал да се реализира во 1982 година. Од 2009 до 2012 година во овој реон се изградија канализации на сервисни улици во вкупна должина од околу 5 километри, а се изгради и фекален колектор. Шеесет милиони денари се инвестирани во изградба на примарна, секундарна и терцијарна фекална канализација, а со изградбата на препумпната станица целата мрежа се комплетира.

Пуштањето во употреба го означија заменик-претседателот на Владата, Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалниците на Скопје и Кисела Вода, Коце Трајановски и Марјан Ѓорчев.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески потенцираше дека овие проекти се работат директно за бенефит на граѓаните.
– Само со макотрпна работа и заложби на локалните власти може да се решат неколкудецениските проблеми на повеќе од 40.000 жители кои живеат во овој дел на градот. Драго ми е што Министерството за финансии и Владата придонесуваат за реализацијата на вакви капитални проекти од кој директен бенефит имаат граѓаните, но и животната средина, имајќи предвид дека со реализацијата на овој проект директно се намалува и загадувањето на почвата и подземните води, изјави вицепремиерот Ставрески.

Изградената препумпна станица е усогласена со идејното решение на пречистителната станица на фекалниот канализационен систем – Драчево, а во крајниот планиран период препумпната станица ќе има улога да врши препумпување на пречистената вода за потребите за наводнување на земјоделските култури.

Првиот човек на општината, Марјан Ѓорчев, потенцираше дека овој проект немаше да биде завршен без помошта од Владата.
– Доколку Владата не донесеше одлука да позајми средства на општина Кисела Вода, целата оваа инвестиција немаше да има крај и покрај деценискиот застој на работите. Јас во два наврати агитирав Драчево да стане самостојна општина, еднаш како градоначалник и вторпат како пратеник, по со најновите зафати и подобрувањето на инфраструктурата можеби тоа ќе се оствари, изјави градоначалникот на Кисел Вода, Марјан Ѓорчев.