Бранувањата во “Поштенска банка” продолжуваат. По смената на првите двајца луѓе на банката пред нешто повеќе од еден месец, деновиве, како што дознаваме, на ред е и промена во акционерската структура на Банката. Наши извори велат дека двајца поголеми сопственици на капиталот во “Поштенска” ( освен “Македонска пошта” која во банката има една третина од капиталот), односно фирмата “Ноел” од Гегелија и “Европа 92” од Кочани ќе ги продадат своите акции што ги поседуваат во оваа Банка со што нивните акции би прешле во рацете на други нови акционери, кои заедно со “Македонска пошта” би го имале управувачкиот пакет во Поштенска. Неофицијално во банкарските кругови се зборува дека двете фирми се принудени да ги продадат акциите, бидејќи се нето-должници на Банката и како такви не можат да бидат членови на Управен одбор на Поштенска и да одлучуваат за нејзиното работење. Инаку, Банката, иако рокот во кој требаше да се предложат новите директори истече пред десетина дена, се уште е без челните луѓе, а потписник на сметката е претседателот на Управниот одбор, Таип Јакупи, генералниот директор на “Македонска пошта”. За вчера, како што велат наши извори, се планираше одржување на седница на Управниот одбор, но таа е откажана бидејќи до претседателот се уште не е стигната одлуката на Советот на НБРМ, со која е одбиена жалбата на досегашниот директор на Поштенска, Коле Смилевски. Веднаш по добивањето на оваа одлука, ќе биде свикан Управен на кој ќе се прецизираат имињата што ќе се достават до гувернерот на НБРМ. Од кабинетот на првиот човек на Централната банка велат дека предлогот за тоа кои ќе бидат новите двајца генерални директори на “Поштенска банка” го очекуваат секој момент и дека веднаш штом ќе го добијат ќе биде разгледан и во рок од 15 или најмногу еден месец, НБРМ ќе го даде својот одговор.


Весна М. БОЖИНОВСКА