Вториот авион на МАТ, изнајмен од ЈАТ, кој завчера замина за Белград на сервисирање, вчера е вратен во Скопје и веднаш пуштен во сообраќај. Со тоа, како неоправдани се покажаа стравувањата дека може да се случи и тој воздухоплов да биде запленет и да се побара негово испишување од нашиот регистар, како што се случи со првиот, а што е и своевиден доказ дека политиката беше замешана во целата работа. Односно, дека причина за одземањето на првиот авион, само неколку недели пред истекот на договорот кога ЈАТ и онака ќе го добиеше воздухопловот бидејќи и на МАТ веќе не му требе, не се должничко – доверителните односи, туку дека двете компании излегоа како “колатерална штета”. По првичната реакција на министерот за капитални инвестиции на нашиот северен сосед, кој се закани дека ќе се приземјат авионите на МАТ доколку не се ослободи Вранишковски, а потоа се ретерираше и се направи обид целиот случај да се прикаже како последица на долгот на МАТ кон ЈАТ, страстите очигледно се смирија. Веројатно и таму се сфати дека штети ќе има и нивниот национален авиопревозник, кој и онака има сериозни финансиски и организациони проблеми.
Дека “духовите се смируваат”, веројатно, доказ е и прифаќањето на нашите воздухопловни власти без враќање на авионот во Скопје да биде извршена негова пререгистрација. Тие првично најавија дека авионот мора да слета во Скопје, тука да се заврши дел од формалностите. Сега е донесена одлука сето тоа да се заврши во Белград, каде то авионот стои паркиран, бидејќи е неупотреблив, се додека е во нашиот регистар. (З.П.)