Почна лидерската средба на претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на која се очекува да биде постигнат конечен договор за формирање владина коалиција.

Тие пристигнаа во Клубот на пратениците во придружба на генералните секретари на партиите, Љупчо Николовски и Артан Груби.

Како што претходно соопштија од СДСМ, засега постигнат е сериозен напредок во преговорите за нова Влада.

За време на викендот продолжија интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и ДУИ, а неколку средби беа одржани и минатата недела.

„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена по добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада“, велат од СДСМ.

Оттука посочија дека на лидерската средба се очекува конечен договор за нова, стабилна и посветена Влада со мандат од четири години.

По средбата Ахмети и Заев ќе даваат изјава за медиумите.

извор: Makfax