Почнаа изведбените работи на два проекти на Центарот за развој на Полошкиот плански регион кои се одобрени од Владата, а се во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година.

Со првиот проект ќе се врши реконструкција на локалниот пат село Јажинце – Тетово, спој со регионалниот пат, а со вториот реконструкција и изградба на тротоари на дел од општинскиот пат Тетово – село Требош , општина Желино.  За реализација на првиот проект се одвоени 4 милиони денари а за вториот околу 8,5 милиони денари.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски кој присуствуваше на настанот ја истакна определбата на Министерството за локална самоуправа и на Владата дека со финансиски средства од државниот буџет предвидени со Програмата за рамномерен регионален развој ќе се инвестира во сите плански региони се со цел подобрување на уловите за живот на сите граѓани.

 

Со Програмата за рамномерен регионален развој, истакна министерот Милевски, се издвоени 7 милиони евра, од кои 5 милиони евра за проекти за развој на планските региони и 2 милиони евра за развој на селата и подрачјата со специфични потреби.

„Оваа година ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Проектите се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта, системи за греење во основни училишта, системи за одведување на отпадни води, подобрување на процесот за собирање на отпад, поставување на урбана опрема и слично. Станува збор за проекти, кои што решаваат значајни проблеми и имаат големо влијание на квалитетот на живеење на жителите во руралните населени места, рече Милевски.

На настанот присутни беа и градоначалниците на Тетово, Теута Арифи, на Јегуновце, Дарко Блажески и на Желино, Блерим Сејдиу.

извор: Makfax