– Ги извадивме коцките од улицата и почнуваме со копање за да поставиме нова мрежа. И канализационата и водоводната се во должина од 320 метри – информира Ангел Бојаџиев, директор на ЈП „Исар” – Штип.

Замената на двете мрежи, значи помал трошок за претпријатието од аспект на честите дефекти на овој дел од градот, но и нудење на поквалитетна услуга на граѓаните. Граѓаните ќе имаат подобар притисок, а веќе нема да имаат проблем ниту со канализацијата која се излеваше на самата улица.

Средства за замена на водоводната и канализациона мрежа се издвоени од буџетот на јавното претпријатие, додека асфалтирањето на „Вардарска” го финансира општина Штип.

Заради обемноста, улицата „Вардарска” се реконструира неколку години. Прво беше изграден потпорен ѕид, па следеше поставување на клучните канализациони шахти, а по замената на водоводната мрежа ќе се следи и асфалтирање.

Оваа сообраќајница по завршувањето ќе биде алтернатива за брз влез и излез од Штип бидејќи ќе го поврзува центарот на Штип со излезната крстосница „Дујле”.