Верски храм, кој ќе го носи името на свети Пантелејмон, почна да се гради во околината на Берово под патронат на бизнисменот Благоја Механџиски, сопственик на ланецот аптеки “Зегин”. На положувањето на темелите кај месноста викана Беровско Езеро, покрај инвеститорот Механџиски, кој потекнува од Малешевијата, присуствуваше и поглаварот на Македонската православна црква, поглаварот господин господин Стефан.

Механџиски истакна дека се одлучил на ваков чекор бидејќи свети Пантелејмон е патрон, заштитник на неговата фирма, односно на неговите аптеки.

– Идејата за да направиме еден манастир потекнува 50 години од кога се занимавам со бизниси во здравството. Еден од првите кој ја употребил лекарската доктрина е свети Пантелејмон, кој бил исцелител. На нашата фирма, која има над 230 аптеки на целиот Балкан, заштитник е токму свети Пантелејмон. Затоа решивме да напаравиме едно такво дело, рече Механџиски.

Тој смета дека Малешевијата е многу битен дел од Македонија, бидејќи оттука просветителите Кирил и Методиј тргнале на нивната моравска мисија, а овој храм ќе биде наследство за идните генерации.

– Да се разбереме, од овие краеви тргнале и првите просветители Кирил и Метдоиј за моравската мисија. Ова дело е аманет за идните генерации да си ја чуваат верата и потеклото и да знаат дека треба да се верува во Бога, додаде тој.

Според плано,т храмот “Свети Пантелејмон” треба да биде готов до 2018 година.

– Изградбата на црквата зависи од мајсторите, но најмногу до 2 години. Проектот е добар, средствата се обезбедени, рече тој.

Инаку, по повод празникот Успение на пресвета Богородица, верници се собраа и во манастирот Богородица во Берово каде што пред дваесет години се случи трагичен настан во кој загинаа девет лица, а над педесет беа повредени.

Тогаш, во 1996 година, гром удри во казаните со грав кои беа поставени во дворот од манастирот околу кои беа собрани стотици верници. Во трагедијата животот го загубија девет верници, кои починаа на самото место, а педесетина, меѓу кои повеќето тешкоповредени и со сериозни изгореници беа префрлени во околните болници.

За настанот сведочеше новинарката Љубинка Клинчарска, сега во пензија, која прва ја јави веста за трагедијата.

– Некои од моите соговорници ги обвинија поповите, бидејќи курбанот беше преместен наместо во среда кога е посно, тие го направија во четврток. Па, се толкуваше како божја казна. Но, едно што не ми се допаѓа е дека сите заборавија на жртвите, им ветуваа, но за нив ништо не се направи# , изјави Љубинка Клинчарска, новинарка во пензија од Берово.

Од тој кобен ден поминаа точно 20 години. Во меѓувреме Љубинка го загубила видот, но сепак, во неа се појасно се зацврстува противењето за комерцијализацијата на големиот христијански празник.