Еден од најпознатите пејачи на просторот на поранешна Југославија, Крунослав Кичо Слабинац, почина утринава во 6.50 часот во загребската болница КБЦ, јавија хрватските медиуми.

Тој беше во болница во последните три месеци поради коронарна болест која му ги зафатила крвните садови. Иако операцијата поминала добро, заздравувањето одело тешко бидејќи раната од операцијата не зараснала како што треба.

76-годишниот Кичо бил подложен на операција на срцето, која, наводно, тргнала наопаку, проследена со уште две операции. Бил во индуцирана кома, бидејќи телото не можело да опстане во свесна состојба.

Неодамна прослави 50 годишна соло кариера. Во 1971 година беше претставник на Југославија на Евровизија со песната “Твој дјечак је тужан”. Особено е познат по големиот југословенски хит “Због једне дивне црне жене”. Македонската публика се сеќава на неговите македонски песни “Летај ми гулабе” и “Не враќај се, не буди ме”.