Романскиот генерал Виктор Станкулеску, кој го изведе пред суд комунистичкиот диктатор Николае Чушеску денеска почина во 88 година од животот.

Неговиот адвокат Каталин Данку рече дека Станкулеску починал во дом за стари лица како последица од мозочен удар.

Станкулеску во времето на владеењето на Чаушеску беше началник на Генералштабот на романската војска, па комунистичкиот лидер во 1989 година му дал задача да ги растури демонстрациите против неговиот режим во Темишвар.

Тој се вратил во Букурешт и побарал од лекарот здрава нога да му стави во гипс за да може да го одбегне разбивањето на народниот отпор против диктатурата.

По самоубиството на министерот за одбрана Василе Милеа, Станкулеску ја презеде таа функција а на 22 декември им предложил на Чаушеску и неговата сопруга Елена да побегнат од Букурешт каде во меѓувреме избувнаа демонстрации.

Тогаш Станкулеску се свртува против диктаторот Чаушеску и станува главен организатор на неговото судење. Николае и Елена Чаушеску се стрелани на 25 декември 1989 година.
За време на протестите во Темишвар загинаа 72 демонстранти, а 253 се повредени, што значеше почеток на крајот на режимот на Чаушеску.

Станкулеску во 2008 година е осуден на 15 години затвор поради учество во убивање демонстранти, но по шест години беше ослободен.

Тој никогаш не изјави каење поради страдањето на учесниците во протестот и одби да зборува за тоа што навистина се случувало за време на бунтот во кој загинаа над 1300 луѓе.

Поранешниот романски претседател Јон Илиеску рече дека Станкулеску во решавачкиот момент се свртел кон демократијата и така и помогнал на својата земја.