На претседателот Ѓорге Иванов денеска во Сивас, Турција, му беше доделен почесен докторат од страна на престижниот Универзитетот „Џумхуријет“. Признанието на претседателот Иванов му беше врачено на свечена церемонија од страна на ректорот на Универзитетот д-р Алим Јилдиз, по што македонскиот претседател одржа предавање на тема „Ататурк и Македонија“.

За време на своето предавање, претседателот Иванов истакна дека оваа титула за него претставува привилегија и чест, дотолку што му се доделува во Сивас, градот каде во 1919 година на иницијатива на Ататурк се одржал историски и револуционерен конгрес со кој се означува почетокот на борбата за независност и владеење на граѓаните на Турција.

„Ататурк сметал дека со Конгресот во Сивас, турскиот народ повторно во своите раце го зел суверенитетот. Тој верувал дека единствениот начин на кој Турција ќе стане модерна нација е преку политички систем во кој нема да има поделба, туку единство на моќта, концентрирана во еден единствен авторитет што ќе го отсликува народниот суверенитет. Затоа, Големото национално собрание се јавило како тело што ги контролира законодавната, извршната и судската власт. Како избран претседател на Големото собрание, Ататурк се стекнал со огромна моќ неопходна за да ги направи суштинските реформи во земјата“, рече Иванов.

Врската меѓу Мустафа Кемал и Македонија, според македонскиот претседател, не е само географска. Македонија, истакна Претседателот, беше прозорецот низ кој Ататурк се запозна со овие вредности, тоа беше просторот каде што се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите од кои подоцна никна Република Турција.

„Македонија не е само местото каде што тој бил роден, туку просторот каде што се формирал неговиот светоглед, неговиот карактер и неговите сфаќања. Ататурк во Македонија најнепосредно учел колку е важен соживотот, ги учел македонските вредности, како што е прифаќањето на другите, Подоцна, она што го научил во Македонија, го применил во Турција. Затоа, изворот на неговиот модел за темелни реформи е во Битола, кој во времето на неговиот престој беше гордиот град на конзулите во кој интелигенцијата, но и пошироката популација беше изложена на западните, европските вредности. Битола беше прозорец кон Европа, простор од каде влегуваат напредните идеи во Империјата“, порача македонскиот претседател.

Тој се осврна на изворите од каде Ататурк ги црпел своите идеали, кои ги применува во трансформацијата на Турција. „Тој го испокина целото политичко ткиво, ја претвори монархијата во република, ја сведе империјата на една територија, ја претвори религиозната држава во световна република, го собори султанот, го протера калифот и ги отфрли сите врски со Отоманската Империја. Тој направи една од најголемите културни, политички и социо-економски трансформации во современата доба. Така е родена Турција, како национална секуларна држава“, рече Иванов.

Иванов до сега има добиено бројни признанија од високообразовни институции и организации во светот. Тој е прогласен за почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов“ и на „Југозападниот универзитет за финансии и економија“ во Ченгду, НР Кина. Почесни докторати има добиено од Бугарската академија на науки во Софија, на Истанбулскиот Универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“’ во Невшехир, на „ТОББ Универзитетот за економија и технологија“ во Анкара, на „Академијата за јавна администрација на Азербејџан“ во Баку, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир“ во Букурешт и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за Почесен протектор на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург.

Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот и гувернерот на Сивас, а утре во Истанбул, македонскиот претседател ќе присуствува и ќе се обрати на Глобалниот лидерски форум.

извор: Makfax