На редовната прес конференција, Државната изборна комисија излезе со информација дека излезноста на вториот круг од претседателските избори до 18:30 часот изнесува 44,5 проценти.

Директорот на ДИК Оливер Дерковски посочи дека од вкупно обработени 97,6 проценти од податоците од избирачките места досега гласале 795.577 гласачи. Со тоа е постигнат цензусот од 40 отсто за избор на претседател на државата во вториот круг од изборите.

Во вториот круг излезноста е поголема отколку во првиот, одржан пред две недели. Тогаш до 18:30 часот гласаа 39,8 проценти од гласачите запишани во избирачкиот список.

Како што соопштија од ДИК, поголема излезност има во следниве градови: Битола 53,26 %, Вевчани 65,23 %, Гевгелија 66,17 %, Демир Хисар 67,12 %, Дојран 65,52 %, Кавадарци 61,15 %, Карпош 55,91 %, Крива Паланака 70,49 %, Крушево 66,97 %, Македонски брод 66,87 % и Неготино 65,21 %.


  •