Вакцината против Ковид-19 ќе биде божиќен подарок за сите Европејци, рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.

Схинас ова го кажа еден ден откако Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцината развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“ ќе биде одобрена на 21 декември.

„Вакцината ќе биде божиќен подарок за сите граѓани на нашиот континент“, рече Схинас во интервју за „Ла Република“.

По ЕМА, Европската комисија ќе ја одобри вакцината со суперсонична брзина, додаде тој.

„За два дена, ќе завршиме работа што обично трае два месеца“, рече потпртседателот на ЕК, додавајќи дека ова ќе им овозможи на земјите членки да започнат со вакцинирање околу 26 декември.

Италија, Германија, Франција, Шпанија, Белгија, Холандија, Луксембург и Швајцарија во вторникот објавија дека ќе го координираат почетокот на кампањата за вакцинација.

Схинас рече дека Комисијата ќе започне кампања за јавно информирање за поддршка на вакцинацијата, а и самиот тој е подготвен лично да им се спротивстави на скептиците.

„Имав Ковид-19 во октомври“, рече тој.

„Ако некој не верува во вирусот, испратете ми го и ќе му кажам што значи и колку е тешко да се борите против болеста во болнички кревет“.

извор: Makfax