Лондонската “Ситигруп” ќе ги издава првите македонски еврообврзници. Во конкуренција од вкупно девет заинтересирани банки, Владата ја избра “Ситигруп” како најреномираната инвестициона банка во областа на меѓународните финансии и меѓународниот пазар на цапитал, која држи околу 200 милиони сметки на клиенти и работи во повеќе од 100 држави. Со договорот кој е потпишан пред три дена, оваа Банка стана агент на македонските еврообврзници. Таа ќе треба да ја подготви првата емисија на која ќе биде во вредност од 150 милиони евра, како и да ги презентира можностите на Македонија во повеќе европски центри. Парите од евробврзниците ќе бидат наменети за рефинансирање на долгот на државата со што ќе се намали притисокот врз девизните резерви и ќе предизвика конечно пад на каматите, наспроти ставот на одделни експерти дека тие треба да се искористат за инвестициски проекти. Еврообврзниците се должнички хартии од вредност со кои државата како издавач доаѓа до свеж капитал, но се обврзува дека на имателите на овие хартии од вредност во иднина редовно ќе им исплаќа камата или т.н купони, до истекот на рокот на доспевање. Тие се очекува да донесат евтин капитал и помала зависност од кредитите на ММФ и Светската банка.
Од Министерството за финансии не се соопштуваат други детали, но логично е да се очекува дека каматите кои Македонија ќе ги плаќа за издадените евробврзници ќе бидат пониски од каматите по кои државата се задолжува на домашниот пазар. Моментално, за државните записи, со кои државата се задолжува на домашен пазар, на оние што ги купуваат од буџетот им се плаќа камата од 11 отсто. Најчести купувачи на евробврзници се банки, инвестициони фондови и осигурителни куќи. Кредитниот рејтинг кој Македонија го има добиено од светските рејтинг агенции ќе биде пресуден во одлуката на инвеститорите дали ќе ги купуваат еврообврзниците. Цената по која ќе се продаваат евробврзниците зависи од висината на каматата, рокот на достасување на евробврзниците, рејтингот и довербата на инвеститорите во земјата-издавач.


Весна М. БОЖИНОВСКА