Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодеството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска ги доделија првите десет договори од Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства “од третиот повик од ИПАРД 2 програмата.

Димковски, истакна дека оваa мерка овозможува кофинансирање на трошоците за набавка на мотокултиватори, балирачки фрези, косачки, системи капка по капка, опрема за благосостојба на животните и унапредување на домашните фарми, инвестици во реконструкција и изградба на фарми и други инвестиции кои ќе овозможат земјоделците полесно и на побрз начин да ги извршуваат работите кои ги имаат на нива или на фармите и да го модернизираат производството.

„Првите 10 договори за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 програмата, се со вкупна вредност од 137 илјади евра. Со финализирање на целата процедура во текот на месец септември очекуваме да се потпишат околу 800 договори во вредност од близу 10 милиони евра“, истакна Димковски.

Директорот на АФПЗРР, Бабовски посочи дека апликациите се обработуваат забрзано се со цел апликантите побрзо да ги модернизираат земјоделските стопанства а парите кои се вложиле во инвестициите да се вратат на сметките на апликантите.

„На првиот повик од ИПАРД 2, склучени се 947 договори, и со побарана сума од 21.7 милиони евра . Од овие 947 договори, 872 апликанти веќе ги завршиле инвестициите и доставиле барање за поврат на 14 милиони евра. Додека на 483 апликанти веќе целосно им се исплатени средствата кои им се прифатлива инвестиција и кај нив се исплатени 6.7 милиони евра средства кои се свеж капитал во агро – секторот“, истакна Бабовски.

Бабовски и Димковски, апелираа до сите кои имаат потреба од модернизација на земјоделските стопанства да аплицираат за добивање на средства преку ИПАРД 2 програмата. Дел од апликантите кои денеска потпишаа договорори истакнаа дека со помош на новите машини кои ги набавуваат со финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата ќе им ги намали трошоците и ќе ги направи поконкурентни.

 

извор: Makfax