Корона вирусот повторно се врати во затворот Идризово. Затвореници, кои сакаат да останат анонимни, се сомневаат дека 7 лица се заразени, а околу 70 се затворени во ќелиите.

„Од информациите кои ги имаме, и според тоа што гледаме што се случува овде, досега знаеме точно кои се, како се, со име. Значи, знаеме дека 7 лица се заразени а 72 се во изолација, затворени во ќелиите“, вели затвореник, пренесува ТВ 21.

Но, заменик директорот на затворот во Идризово, Феми Јонузи, вели дека само еден затвореник резултирал позитивен до ковид-19, а за тоа дознале од направениот тест во саботата. Потврди дека е изолиран делот каде што бил заразениот.

„Во изолација е и чекаме утре да се направи вториот тест и за двајца други затвореници кои биле во собата со затвореникот кој е позитивен. Ние како управа, во соработка со Институтот за јавно здравје донесовме одлука да се затвори целиот дел каде што беше затвореникот“, посочи Феми Јонузи.

Не се знаат точните контакти на заразениот. Последниот слободен викенд го искористил пред две месеци, вели зм. директорот, кој се сомнева дека можеби се заразил од некој асимпотматичен затвореник кој исто така имал можност за слободен викенд.

„Ние имаме ангажиран лекар, за надзор. Состојбата е иста, стабилна и нема компликации“, додава Феми Јонузи.

Но, колку се почитуваат мерките за заштита во затворот Идризово е прашање кое се покрева по тврдењата на анонимниот затвореник со кој контактиравме!

„Маски немаме, на почеток ни дадоа пред 6 месеци, а тие маски повеќето веќе ги фрлиле. За дезинфекција доаѓаат еднаш на 3 недели, но ништо друго немаме“, вели затвореник.

„Носат маски. Обврзани се да носат во текот на контактите со другите лица но и во текот на посетите на семејствата. Ние мериме и температура при влез – излез, за тие кои користат викенди кога се враќаат им мериме температура и доколку се е во ред ги пуштаме внатре“, додава Феми Јонузи.

Заменик директорот тврди дека дезинфекција на простотиите на затворот се прави еднаш неделно. Ова не е прв пат затвореник да резултира позитивен, првиот случај беше евидентиран на почетокот на јули, а заразени имаше и од вработените на затворот.

Извор: ТВ21