Финансиската полиција пред неколку недели влегла на скопската Клиника за ревматологија, за да ја испитаат последната набавка на лекот Мабтера, кој наводно е донесен преку паралелен увоз.

Лекот бил набавен од веледрогерија „Пановски”, а финансиската полиција добила дојава од пациент. Според нашите информации, на клиниката биле три инспекторки кои направиле увид во целата документација, проверувале како се чуваат лековите, направиле записник, но и разговарале со директорот на клиниката доктор Филип Гучев.

Првиот човек на клиниката за „Фокус”, потврди дека пред неколку недели финансиска полиција била кај нив на клиниката, но тврди дека се е во ред.

„Точно е дека финансиска полиција беше на клиниката и ја испитуваа последната набавка на лекот „мабтера”. Инспекторките разговараа и со мене, на секое нивно прашање одговорив. Ние имаме сертификат за квалитетот на лекот, кој е набавен од веледрогерија „Пановски”. Јас побарав од фирмата да се изјаснат за набавката на лекот, но се уште немам добиено ништо повратно од таму. Ги прегледаа сите документи и потврдија дека се е уредно – тврди доктор Гучев.