Глобалниот план за доставување вакцини против Ковид-19 во посиромашните земји може многу лесно да пропадне.

Тоа потенцијално остава милијарди луѓе без пристап до вакцини до 2024 година, пренесува „Ројтерс“.

Програмата „Ковакс“ на Светската здравствена организација е главната глобална шема за вакцинирање против коронавирусот на луѓе во земјите со ниски и средни приходи ширум светот и има за цел да испорача најмалку две милијарди дози вакцини до крајот на 2021 година. Со тоа би биле опфатени 20 проценти од најранливите луѓе во 91 земја, главно во Африка, Азија и Латинска Америка.

Како што пренесува „Ројтерс“, поборниците на планот тврдат дека програмата се соочува со недостаток на средства, ризик за снабдување и сложени договори, што може да го оневозможат остварувањето на нејзините цели.

Во внатрешниот извештај на управниот одбор на компанијата „Гави“, која заедно со СЗО го води „Ковакс“, се вели дека ваквиот неуспех може да ги остави луѓето во сиромашните земји без пристап до вакцини против Ковид-19 до 2024 година.

Ризикот од неуспех е поголем бидејќи планот е поставен многу брзо, дури и на неистражена територија, се наведува во извештајот.

извор: Makfax