До затворањето на весникот средбата се уште траеше во обид да се надминат блокадата и разликите коишто се јавија во изминатиот период. Во проширен состав членовите на Комисијата вчера дадоа уште една шанса за да се надминат несогласувањата

До доцна попладнето вчера се кршеа копјата за да се постигне некаква согласност за извештајот на Комисијата која треба да ги расветли настаните од 24 декември. До затворањето на весникот средбата се уште траеше во обид да се надминат блокадата и разликите коишто се јавија во изминатиот период. Во проширен состав членовите на Комисијата вчера дадоа уште една шанса за да се надминат несогласувањата. Покрај членовите во Комисијата делегирани од политичките партии Илија Димовски и Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ и Рената Тренеска – Десковска и Љубомир Фрчковски од СДСМ, на вчерашната средба во Клубот на пратеници присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со шефот на неговиот Кабинет, Мартин Протуѓер, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со неговата заменичка Радмила Шеќеринска. Во земјава повторно се вратија странските набљудувачи, кои учествуваа на вчерашната средба, но и претседателот Борче Давитковски, кој пред околу еден месец си поднесе оставка од функцијата претседател на Комисијата.

Состанокот следи по средбата Груевски-Заев од понеделникот, на која беше договорен последен напор” за откочување на работата на Комисијата. Последен рок за постигнување согласност за извештајот е петок, 23 август.

Непосредно пред седницата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, премиерот Никола Груевски изрази надеж дека дијалогот ќе вроди со плод.
– Очекуваме дијалогот да вроди со резултат. Се надевам дека СДСМ ќе ја препознае важноста, пред се за државата, од завршување успешно на овој дијалог и завршување со еден извештај, дека ќе ги надмине теснопартиските интереси и дека ќе успееме во наредните 4 дена вклучувајќи го и овој, да дојдеме до решение. Останува да видиме што ќе се случува – изјави Груевски.

И лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата пристигна со оптимистички мисли – очекува дека ад хок комисијата за случувањата од 24 декември ќе донесе заклучоци.
– Реално очекувам комисијата да продолжи да работи во следните неколку дена и да донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања и прекршувања на законите во Собранието на 24 декември 2012 година – рече Зоран Заев пред почетокот на вчерашната средба.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го поздрави присуството на лидерите на партиите на денешната седница на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, со цел, како што велат од неговиот Кабинет, да се усвои извештајот на Комисијата и да не се доведе во прашање европската перспектива на Република Македонија.

(Ј.Ц.)