Последниот натпревар од групната фаза, дуелот против селекцијата на Унгарија, е убедливо последната шанса за репрезентативците на Португалија, а најмногу за Кристијано Роналдо, за да покажат барем нешто од својот богат репертуар и со победа да обезбедат пласман во 1/8 финалната рунда од ЕП во Франција.

Португалија важеше за апсолутен фаворит кога е во прашање првата позиција во групата Ф, но после две одиграни кола, “европските Бразилци” се третопласирани со два освоени бода и со обврска да слават по секоја цена во дуелот со селекцијата на Унгарија која веќе освои четири бода и која сигурно ќе биде дел од следната елиминациска рунда.

Поради промашениот пенал на натпреварот против селекцијата на Австрија, за очекување е Роналдо да даде се од себе за да ја поправи големата грешка.

Ако добиеме удар од белата точка и на следниот натпревар, истиот повторно ќе го изведе Роналдо. Не само што ќе го изведе, Роналдо сигурно ќе постигне погодок. Тој е навикнат да постигнува погодоци, тој е роден победник и затоа бурно реагира кога нема да ја затресе противничката мрежа. Јас очекувам таква реакција од Роналдо, во тоа не гледам ништо чудно. Не сум загрижен, убеден сум дека ќе одбезбедиме пласман во следната рунда. Унгарија е пријатно изненадување, но го имаме потребниот квалитет за да славиме во овој натпревар, изјави селекторот на Португалија, Фернандо Сантош.

Неговиот колега од спротивната страна, Бернд Штрок, и понатаму останува на ставот дека Португалија е главен фаворит за првата позиција во групата Ф.

Моментално сме првопласирани, но според мене, Португалија е фаворит за првата позиција иако не забележа победа во првите два дуела од групната фаза. Заслужено ја победивме Австрија, заслужено освоивме бод во дуелот против Исланд, а се надевам дека ќе има големо славје во нашата соблекувална и по натпреварот против Португалија. Унгарија е доказ дека нема некоја голема разлика помеѓу тие репрезентации кои се дефинирани како големи и тие кои се посочени како мали репрезентации. Ние го живееме нашиот сон, но не сакаме да се разбудиме, сакаме уште најмалку два натпревара да сонуваме, изјави селекторот на Унгарија.

Дуелот помеѓу селекциите на Португалија и Унгарија стартува во 18:00 часот.