x

Посебно финале на ЕП: Ова се момците кои ја испишаа најубавата ракометна бајка во Македонија

Денешното финале на Европското првенство меѓу Шпанија и Хрватска го доживуваме на еден поинаков начин. Некој ќе рече дека претеруваме, но напротив, сите овие „актерите“ кои се најдоа на нашата насловна фотографија ни будат посебни чувства. Благодарение на сите нив, ракометна Македонија ги живее најубавите спортски денови.

Петмината ракометари беа дел од двете златни генерации на Вардар. Жоан Кањелас, Хорхе Македа, Алекс Душебаев, Лука Циндриќ и Игор Карачиќ заедно го освоија првиот пехар со Вардар во Лигата на шампионите. Карачиќ е единствениот од ова друштво кој по вторпат заедно со македонскиот тим се искачија на кровот на Европа. Во неговата последна сезона во дресот на Вардар имаше таа чест прв да го подигне пехарот, тоа задоволство му го пружи најголемиот пријател, Стојанче Стоилов.

Лино Червар е име за кое долго време ќе зборуваме. Како предводник на Металург откри и на правпат ги изнесе бројни таленти, беше креатор на една убава генерација на тимот од Автокоманда, под негово водство „металурзите“ беа хит во елитното натпреварување. Овој искусен стратег беше и предводник на македонската ракометна репрезентација.

Тука се нашите најуспешни арбитри, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ја имаат честа да ја делат правдата на денешното финале, кое е закажано со 16:30 часот.

Нека победи подобриот, за ова финале да се зборува долго време.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата