Школувањето на младите генерации е основната работа на државата на која треба да посвети внимание. Има многу квалитетни деца кои би можеле да работат во познати компании во странство. Меѓутоа, треба да се работи на подобрување на економската состојба во земјата, бидејќи сигурно голем број од оние што заминале од Македонија, би се вратиле назад. Ова, меѓу другото го изјави познатиот американски бизнисмен со македонско потекло, Мајк Зафировски, кој, иако е во приватна посета во земјата, најави дека денеска ќе се сретне со премиерот Владо Бучковски, а на 20 овој месец, при посетата на претседателот Бранко Црвенковски во Канада, ќе се запознае и со него.
Зафировски кој подолго време беше прв човек на “Моторола”, а од неодамна е директор во “Боинг” и како што самиот вели, ја учи новата компанија, но има и понуди од други три-четири компании да работи за нив. Дали и каде ќе замине од сегашната функција во “Боинг”, ќе се знае на почетокот на наредната година. (С. Бл.)