Матеја Плахута, 22-годишна Словенка, учесничка во реалното шоу “Тоа сум јас” доаѓа од Лашко и за себе вели дека е чувствителна, позитивна, дисциплинирана и уредна личност, нема момче, па и покрај тоа што и е многу пријатно во шоуто, малку и недостасуваат родителите и пријателите, па знае да пушти и некоја солза за нив. Вели дека во шоуто, што и е второ, бидејќи веќе учествувала во едно во Словенија, се пријавила затоа што сака да им покаже на луѓето која е, всушност, таа. Не се плаши да го каже гласно тоа што и пречи, а единствен проблем и се различните јазици. Но, како што вели, и тоа полека го надминуваат и сега – засега се разбираат. – Морав малку да се приспособам затоа што словенечкиот јазик не го разбираат сите, па се трудам да зборувам српски или хрватски. Ми треба време и морам да размислувам што ќе кажам за да ме сфатат, но добро ни оди. Моето место во куќата е кујната. Се грижам за јадењето, морам да готвам за да не бидат гладни ха, ха, ха… Претпоставувам веќе најде пријатели меѓу другите учесници, па како ви оди? – Со некои одлично се запознав, но со некои најдобро не се запознавме. Сепак, се уште е рано. Кога имаме некој проблем седнуваме со другите девојки и разговараме. Имавме и заеднички состанок на кој се договаравме за тоа кој што ќе работи во куќата. Секој има своја задача, а јас конкретно сум задолжена за машината за перење алишта. За да функционираме, мораме да бидеме тим. Не мора само еден да работи, како што се случуваше. Тоа ни беше проблем, но го решивме и сега мора да продолжиме понатаму без разлика дали ќе бидат 90 или 20 дена. Што очекуваш од шоуто? – Очекувам луѓето да гласаат за мене. Што треба да биде нека биде. Што и да биде по 20 или 90 дена ќе ми биде сеедно зашто мислам дека овде сите сме победници. Сите сме дојдени само за 20 дена, зашто кој било може да излезе. Кога ќе отидам дома се надевам дека барем ќе добијам некаква работа на телевизија и ќе имам мала слава. Инаку, мојата модераторка ми рече дека малку сум се разликувала од другите. Но таква сум. Молчам и сум тивка затоа што само слушам и така ги проценувам другите. Сакам да ги откријам нивните карактери. А, што ако победиш? – Ако победам, а тоа е многу далеку, ќе бидам најсреќната личност на светот. Победата во шоуто, што може да се сфати само ако се доживее, е нешто прекрасно. Тогаш ќе бидам најдобрата личност на светот. Дали животот во куќата е таков каков што го замислуваше? – Да, токму вака го замислував. Знаев дека ќе се покажат карактерите на луѓето, какви се и што прават кога се дома. Ако дома не работат ништо тогаш и овде немаат дисциплина, што мене со оглед на тоа што бев кандидат за војска не ми недостасува. Каква е Матеја приватно, кога е дома во Словенија? – Иста како и овде. Можеби малку ми недостасуваат моите пријатели, зашто тие ги разбираат моите шеги и фори, што тешко се пренесуваат на туѓ јазик. Но се трудам да бидам најдобра што можам за да ме разберат и да им бидам како најдобра пријателка. Да ме примат како многу позитивна личност, каква и што сум. Завршив трговско училиште, но тоа не беше моето понатамошно звање. Продолжив со економија, со цел да достигнам повисок степен и да влезам во војска. Но, засега сето тоа паѓа во вода, мислам со доаѓањето во шоуто. Сега собирам нови и поинакви искуства. Кој најмногу ти недостасува? – Пријателите и родителите, а тоа го покажаа и солзите при краткиот разговор пред камерите. Што би им препорачала на идните учесници во некое наредно вакво шоу? -Бидете тоа што сте. Не преправајте се и немојте да имате две лица. Тоа не е во ред, а и три месеца не се мал период за да се игра така. Она што го правите дома правете го и овде, па ова е сосема нормален живот. Бидете вистински, комуникативни, согласувајте се со сите, а, ако не е така, обидете се да најдете заеднички јазик. Договарајте се. Тоа е гаранција за успех. Сега ми останува да видам како ќе ме прифатат другите во куќата и како ќе гледаат на мене гледачите. Ќе видиме кој ќе победи.


текст и фотографија: “Вечер”