ПОРТУГАЛЦИТЕ ЈА РАСПАРЧИЈА “ЗБОРНАЈА”
Репрезентацијата на Русија доживеа еден од најтешки порази во својата фудбалска историја. На задсиноќешните квалификациски натпревари за пласман на СП 2006, “зборнаја” беше распарчена на стадионот “Џозе Алвеладе” во Лисабон, каде беше поразена од домашната Португалија со 1:7. Феноменалната атмосфера на “Жозе Алвеладе” одлично се вклопи со врвната претстава на Кристијано Роналдо и останатите евро-Бразилци. Рускиот голман Малафеев не правеше некои грешки, но феноменалниот португалски напад беше нерешлива енигма за руската одбрана. За разлика од саботните средби, кога фаворитите остварија чудни резултати, сега чудата изостанаа. Франција, Англија, Италија и Холандија се мачеа, но, сепак, дојдоа до победи. Натпревар на денот беше оној меѓу Данска и Турција. Данците поведоа преку Томасон, но останаа без “поцрвенетиот” Гронкјер. Потоа Нихат промаши пенал, но напаѓачот на Сосиедад се поправи подоцна, кога со убав удар со глава го изедначи резултатот за конечниот 1:1. Покрај неочекувана победа на Андора над Македонија, изненади и триумфот на “вечниот аутсајдер” Лихтенштајн, и тоа со убедливи 4:0 над Луксембург на гостински терен. Нашиот западен сосед Албанија ја оствари првата победа во квалификациите за едно Светско првенство, триумфирајќи на гостувањето во Казахстан со 1:0. Покрај триумфот на Холандија над Финска (3:1), во нашата Прва група се одигра уште еден меч, на кој Чешка Р. без проблеми славеше над Ерменија на гостински терен со 3:0.