Финалниот натпревар во најмасовното клупско натпреварување, УЕФА Евро лига, кој е закажан за 18 мај во Даблин, стана реалност за португалските ривали, Порто и Брага.
Ако нема ништо сензационално кога е во прашање успехот на Порто, кој можеше да си дозволи и минимален пораз на реванш пресметката со шпанскиот прволигаш Вилјареал, тогаш годинашното издание на ова клупско натпреварување дефинитивно ќе биде запаметено по историскиот успех на Брага.

По елиминацијата на Севилја, големиот Ливерпул и тимот на македонскиот репрезентативец Горан Попов, украинскиот гигант Динамо (К), фудбалерите на Брага успеаја во 1/2-финалето да го елиминираат далеку потрофејниот португалски ривал Бенфика. Единствениот погодок на натпреварот, колку што и беше потребно за да се осигура финалето, го постигна дефанзивецот Кустодио (19 мин.).
– Многу сум среќен, но најсреќен сум поради историскиот успех на овие прекрасни фудбалери. Фантастична група на фудбалери, вистински професионалци, и затоа сум многу горд на нив и на оваа голема победа. Единствено е чувството кога ќе успееш да се пласираш во еден финален натпревар, изјави тренерот на Брага, Домингос Пасиенса.

Голема причина за задоволство имаше и предводникот на Порто, Андре-Вилас Боас.
– Горд сум на моите фудбалери, ја исполнија првата зацртана цел. Го издржавме почетниот притисок на Вилјареал. Брага ја имаме за противник во финалниот натпревар. Голем предизвик, никако не смееме да го игнорираме фактот дека беа подобри од Севилја, Ливерпул и Динамо К., а го победија и гигантот Арсенал во Лигата на шампиони, изјави тренерот на Порто.

Резултати: Брага – Бенфика 1:0 – вкупно 2:2 (Кустодио 19′), Вилјареал – Порто 3:2 – вкупно 4:7 (Кани 17′, Капдевила 75′, Роси 80′ пен – Хулк 40′, Фалкао 48′).