Португалија: Разновидност од риба, месо, овошје и зеленчук
Храната во оваа приморска земја, која иако мала нуди прилично изненадувачка гастрономска разновидност, е базирана на риба, месо, зеленчук и овошје. Интересно е тоа што иако португалските води се богати со риба, сушениот, солен бакалар, којшто се смета за национално јадење, најчесто се увезува. Во некои земји, на Божиќ луѓето јадат мисирка, додека во Португалија најчесто се јаде бакалар, во маслиново масло, со компири, житарки и зелка. Делот околу Лисабон е познат по морската храна, додека другите по производството на колбаси и сирење. Регионот Алгарве, пак, е познат по повеќевековната традиција на подготовка на слатки со бадеми и смокви. А лебот и слатките се посебна приказна и во Португалија се подготвуваат во различни форми, а исто така постојат многу регионални специјалитети. Бакалар на португалски начин (главно јадење)
Потребно:
800 г омекнат бакалар
500 г компири
3 кромида
5 јајца
1 чешне лук
магдонос
брокула пропржена на путер (како прилог)
маслиново масло
Подготовка: Јајцата оставете ги да се варат 7 минути. Бакаларот измијте го, исечете на парчиња и потопете го во ладна вода. Оставете водата да зоврие, варете 10 минути и исцедете го. Компирот сварете го, но водете сметка да остане потврд, па исцедете и излупете го. Излупените јајца исечете ги на тркалца. Фино иситнетите лук и кромид пропржете ги на 3-4 лажици масло. Во огноотпорен сад наредете еден ред компири, ред бакалар, ред кромид и ред јајца. Зачинете со сол и пипер, па продолжете по истиот редослед додека не ги потрошите сите намирници. Зачинете со маслиново масло и 20 минути печете во рерна на 200 Целзиусови степени. Послужете со брокулата: сварена, исцедена, посолена, па пропржена на малку путер. Мадера сос
Потребно:
4 дцл црно вино (мадеира)
100 г шеќер
1 лажица сенф
1-2 л шпански сос
1 лажица џем од кајсии
1 лажица ворчесетер сос
3 лажица кечап
1 лимон
1 портокал
50 г путер
сол
Подготовка: Виното сипете го во лонец, додајте му ги шеќерот и сенфот, па варете на тивок оган 5-8 минути. Потоа додајте ги шпанскиот сос, џемот од кајсии, ворчестер сосот, кечапот и сокот од лимон и портокал. Варете уште неколку минути, па потоа додајте го и путерот. Насолете и уште малку проварете. Сосот служете го со овчо месо, дивеч и сите црни меса. Португалска камена супа (предјадење)
Потребно:
8 филџанчиња пилешка или некоја слична супа
0.5 кг колбаси, исечкани
0.5 кг варен грав
0.5 кг компир исечен на коцки
0.3 кг излупени домати исечени на коцки
4 и пол филџанчиња исечени броскви
0.5 кг репка исечена на коцки
2 праза
2 големи моркова
1 мала капула
4 резенки лук
1 лист ловор
Подготовка: Сите состојки исечкани ставете ги во голем сад. Варете на тивок оган околу 2 часа, повремено мешајќи. Насолете и запиперете. Супата се нарекува камена затоа што гравчињата личат на камчиња. Тамалес де папа (главно јадење)
Потребно:
200 г пилешки гради
3 компира
5 јајца (2 варени)
100 г сирење
Трапист
300 г пченкарен скроб
1 кромид
1 пиперка
50 г суво грозје
1 сув квасец
црни маслинки
100 г шеќер
сос (како прилог)
120 г путер
маслиново масло
Подготовка: Компирот сварете го, излупете и испасирајте. Две од потребните 5 јајца варете 7 минути. Во путерот додајте го шеќерот, 3 жолчки (додавајте ги една по една) и сирењето, додајте го и квасецот, компирот, пченкарниот скроб и снегот од 3 белки. Оставете го тестото да отстои 30 минути, а сувото грозје натопете го во млака вода. Исечканиот кромид пропржете го на 2-3 лажички масло, додајте го пилешкото исечено на парчиња и оставете го да се пржи 6-7 минути. Исклучете го шпоретот и оставете го јадењето да се олади. Од тесто направете 16 “торбички” што ќе ги наполните со претходно подготвеното пилешко, парче варено јајце, пиперка, исцедени зрна грозје и маслинка без семка. Секоја “торбичка” завиткајте ја во алуминиумска фолија, ставете ја во огноотпорен сад и печете на 180 степени околу 45 минути. Послужете со мирисен сос.