Поранешниот шеф на „Хипо банка“, Гунтер Штрајдингер, преку видео врска од затвор сведочеше на судењето против поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, кој е обвинет за примање провизија од оваа австриска банка. Штрајдингер останал на неговиот исказ од 2011 година, но сега за разлика од тогаш бил испитуван преку видео врска од Клагенфурт каде отслужува затворска казна поради незаконско работење.

Штрајдингер рекол дека се сеќава на неговото претходно сведочење пред судот во Загреб, но дека поради времето што поминало заборавил на деталите, освен тоа дека лично не ги водел преговорите за кредитот кој Хрватска го земала по осамостојувањето за купување на амбасади. Тој не можел да се сети дали преговарал и тогашниот министер за надворешни работи Мате Граниќ, чиј заменик му бил Санадер, како ни тоа дали била исплатена провизија за која рекол дека е вообичаена при такви зделки.

Одбраната на Санадер истакна дека останува на своите приговори како и по првиот исказ на Штрајдингер во кој меѓу другото рекол дека Санадер ветил дека „Хипо банка“ во Хрватска ќе има повластена позиција. Во првиот исказ Штрајдингер потврдил дека провизијата му била исплатена на лице со име Еуген Лакса, но дека станува збор за помлад човек, а не за 80-годишник.

Во случајот „Хипо“, Санадер е осуден за воено профитерство поради обвинение дека во средината на 90-ите како заменик министер за надворешни работи зел провизија од австриската „Хипо банка“ која на Хрватска ѝ дала кредит за купување на згради за дипломатските претставништва. Уставниот суд во 2014 година ја укина пресудата и побара ново судење.

извор: Makfax