Малезискиот суд му нареди на поранешниот премиер Наџиб Разак да плати повеќе од 397 милиони долари неплатен данок за седумте години додека бил на власт, пишува државната новинска агенција „Бернама“.

Наџиб ги загуби парламентарните избори во 2018 година поради негодувањата во јавноста поради наводно распространетата корупција во неговата влада. Тој се соочува со повеќе обвиненија за корупција и злоупотреба на службената должност поврзани со кражба на милијарди долари од државниот фонд за развој (1МДБ), наведуваат малезиските обвинители.

Посебна истрага од Министерството за правда на САД беше спроведена и за да се открие кој имот е купен со наводно украдени средства од 1МДБ, најголемиот случај што одделот го истражувал како дел од својата програма за истрага за клептократија.

Наџиб ги негира сите обвиненија.

Судијата на Врховниот суд Ахмад Баче изјави дека поранешните премиери не се ослободени од плаќање данок и дека Наџиб мора да го намири својот долг кон владата, пишува „Бернама“.

Даночните власти поднеле тужба против Наџиб за неплатен поврат на данок помеѓу 2011 и 2017 година, вклучувајќи казни и затезна камата.

Наџиб беше премиер од 2009 до 2018 година. Тој го основаше фондот 1МДБ, од кој беа украдени околу 4,5 милијарди долари, наведуваат американските и малезиските власти.

 

извор: Makfax