Единицата за економски и компјутерски криминал на скопската полиција Основно поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски (39), поради сомнение дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што информираат од МВР, Поповски, во период од декември 2016 до мај 2017 година, додека бил директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), искористувајќи ја својата службена положба постапил спротивно на член 53 од договорот склучен помеѓу Европската агенција за безбедност и храна и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во конкретниот член било децидно пропишано дека лицето кое ќе биде назначено како помошник координатор на EFSA не може да прима дополнителен надоместок од Агенцијата, ниту да ја кумулира претпристапната програма со каков било друг договор за работа со други тела.
Наспроти ова, пријавениот склучил договор за дело со К.М., во тоа време вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, за извршување на работни обврски и задачи како асистент координатор на EFSA, кои веќе биле предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во АХВ за нејзиното работно место.

Врз основа на склучениот договор за дело, во погоренаведениот временски период, секој месец на вработената неосновано ѝ биле исплаќани парични средства во износ од 62.934 денари, со што пријавениот ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 377.604 денари.

извор: Makfax