Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за изработка научна студија за влијанието на зрачењата од 4Г и 5Г мрежите врз здравјето и околината. Во документацијата за тендерот е наведено дека поради стравот кај јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња во различни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г мрежа, се во согласност со сите светски препораки.

Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а заинтересираните компании кои ќе ги исполнат бараните критериуми врзани за стручноста, искуството и експертизата, своите понуди ќе можат да ги доставуваат до 22 декември.

Избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија која ќе биде и основа за понатамошните чекори кои ќе ги презема АЕК врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.

„Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Тој додава дека и мобилните оператори имаат проблеми во поставувањето на антени за 4Г мрежа кои се инсталираат за подобра покриеност и подобри услуги.

„Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури имавме ситуација каде два антени без запалени, веројатно од оние кои веруваат во опасноста од 5Г мрежата, а кои сметале дека станува збор за такви антени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата“, изјави Димитријоски.

Научната студија, како што е наведено во тендерската документација, треба да даде јасна слика за моменталната ситуација со влијанието на зрачењата од телекомуникациските алатки поткрепена со факти, да разработи методологија за мерење, лоцирање и спроведување на мерењата, да содржи анализи и извештаи врз база на добиените информации и извршените мерења. Со неа треба да бидат објаснети зрачењата кои ги создаваат телекомуникациските уреди, нивните гранични вредности на дозволена јачина на зрачење, дефинирано како максимално дозволено, за да не се премине прагот од нештетно во штетно зрачење по здравјето на луѓето како и заштита на околината.

„Територијата на Македонија е покриена со 2Г, 3Г и 4Г мрежа, а операторите се во фаза на подготовки за изградба на 5Г, понатаму и 6Г и други генерации на мрежи. Во јавноста се отвора дебата поврзана за влијанието на овие технологии врз здравјето и животната средина. Имајќи предвид растот на создадениот страв во јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња (RF RFM) во различни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г мрежа, се во согласност со сите светски препораки“, стои во документацијата.

Научната студија треба да докаже и прикаже дали до денес постојат или се докажани некакви здравствени ризици од изложување на RF EMF зрачења, од јавните здравствени агенции и СЗО. Таа треба да опфати и теоретски објаснувања и видови на зрачења, европската регулатива, директивите од меѓународни организации за телекомуникации, приказ на развој на мобилните технологии, научни стандардизации како и примери од земји кои имаат 3,4 и 5Г режи и друго.

Исто така, велат од АЕК, се очекува таа да даде и препорака за употреба и изградба на постојната и идната 5Г мобилна мрежа, каде да се изгради, растојание меѓу нив, како и проценка на ризик по здравјето како резултат на изложеност на EMF во различни микросредини.

извор: Makfax